Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес предложи прекин на огнот до евентуална средба со рускиот претседател Владимир Путин.
„Мојот предлог, и сигурен сум дека нашите партнери можат да го поддржат, е да им се предложи прекин на огнот на Русите до средбата на лидерите“, рече Зеленски во Киев, објави Ројтерс.
Зеленски рече дека продолжувањето на руско-украинските преговори во Истанбул со сегашните делегации би било „бесмислено“ бидејќи двете рунди разговори не се покажаа како успешни, објави Франс Прес.
Украинскиот претседател ја изрази својата „подготвеност“ да се сретне со својот руски колега, заедно со претседателите на САД и Турција, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган. „Подготвени сме за таков состанок во секое време“, рече Зеленски. Тој ја обвинува руската страна дека учествува во преговорите во сегашниот формат само за да му угоди на Трамп и да го „одложи“ воведувањето на нови санкции од САД.
Условите за завршување на војната што Москва ги предложи во понеделник во најголемиот град во Турција беа наречени неприфатливи „ултиматуми“ од Зеленски. Русија, меѓу другото, бара Киев да ги повлече своите сили од четирите украински региони анектирани од Москва.
Зеленски, исто така, објави дека Украина и Русија се подготвени да разменат 500 воени заробеници во текот на претстојниот викенд и дека Москва е подготвена да продолжи со таквата практика.