Руската амбасада во Лондон денес соопшти дека Москва „нема агресивни намери“ кон Обединетото Кралство, отфрлајќи ги обвинувањата на британската влада за растечка закана, вклучително и сајбер напади.
„Русија не претставува закана за Обединетото Кралство и нејзините граѓани. Немаме планови да ја нападнеме Велика Британија – ниту сме заинтересирани, ниту имаме потреба“, се вели во соопштението на амбасадата, критикувајќи ги изјавите на британските претставници како „нов бран антируска реторика“.
Реакцијата доаѓа еден ден откако британскиот министер за одбрана Џон Хили ги презентираше резултатите од новиот Стратешки одбранбен преглед, кој повикува на радикална промена во одбранбената политика за да се одговори на заканите, првенствено од Русија. Хили рече дека Европа се соочува со војна, растечка руска агресија, нови нуклеарни ризици и секојдневни кибер напади.
❗️ Russia poses no threat to the United Kingdom and its people.
— Russian Embassy, UK (@RussianEmbassy) June 3, 2025
We harbour no aggressive intentions and have no plans to attack Britain.
☝️ We are not interested in doing so, nor do we need to.https://t.co/P499OkpJnK pic.twitter.com/Sd5uSsXWON
Британскиот премиер Кир Стармер вчера изјави дека Обединетото Кралство „влегува во состојба на воена подготвеност“ и дека ќе направи сè што е потребно за да ја подготви земјата за нови безбедносни предизвици. „Не можеме да го игнорираме она што се случува во светот – ние сме во опасни времиња“, рече Стармер, нагласувајќи дека одбраната ќе стане централен дел од владината политика.
Новиот пристап кон одбраната вклучува, меѓу другото, зголемени инвестиции во одбраната, зајакнување на капацитетот за брзо распоредување на силите и поголема отпорност на сајбер закани. Премиерот најави дека Велика Британија ќе ги предводи европските сојузници во справувањето со руската закана.
Москва, сепак, тврди дека сето ова е неосновано и се користи за „создавање психоза“ кај британската јавност. „Загрижени сме за влошувањето на политичката клима и порастот на милитаристичката реторика во британската влада“, соопшти руската амбасада.