Веб-страната на францускиот производител на луксузен накит и часовници „Картие“, во сопственост на „Ричемонт“, е хакирана, при што се украдени некои податоци од клиентите. Клиентите се известени.
Хакирањето е најновиот во низата инциденти со сајбер криминал што ги погодија и другите познати трговци на мало, вклучувајќи ги „Маркс и Спенсер“ и „Викторијас Сикрет“, објави „Ројтерс“. „Картие“, чии часовници, ѓердани и нараквици ги носат познати личности, издаде соопштение во кое се вели дека неовластено лице добило привремен пристап до системите на компанијата.
Во пораката се вели дека се украдени ограничени податоци за клиентите, како што се имиња, е-адреси и земји на живеење. „Хакерите не беа во можност да пристапат до лозинките на нашите клиенти, деталите за кредитните картички или други банкарски информации“, се вели во соопштението, во кое се наведува дека проблемот веќе е решен.
Компанијата соопшти дека сега дополнително ја зајакнала заштитата на своите системи и податоци, ги известила надлежните органи за нападот и соработува со водечки надворешни експерти за сајбер безбедност.
Картие не одговори на барањето на Ројтерс за коментар. Јулиус Чернијаускас, извршен директор на „Оксилабс“, компанија специјализирана за proxy и online собирање податоци, рече дека нападот покажал дека ниеден бренд не е безбеден од сајбер криминал.