Коментирајќи ги обвинувањата од Русија дека српските воени компании ги снабдуваат Украинците, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека за ова прашање разговарал приватно со рускиот претседател Владимир Путин. Тој додаде дека е формирана комисија која ќе ја испита вистинитоста на тие обвинувања.
„Не би ги открил деталите од разговорот со Путин. Формиравме работна група заедно со нашите руски партнери за да ги утврдиме фактите“, посочи тој. Вучиќ тврди дека е точно дека има договор со Чешка, но наведува дека не се издадени дозволи и дека не се испорачани ракети.
„Русите имаат добра поговорка: Колку повеќе се чеша и колку повеќе се мие, враната е се’ поцрна. Така е и тука, кога си независна земја, сите те напаѓаат“, предупреди тој. Се пожали дека претходно бил нападнат поради наводен извоз на оружје во Русија.
„Нашите фабрики мора да живеат и работат“, нагласи тој. Праша каде Србија да го извезува оружјето ако не може во Африка, САД, Азија, Русија и Европа.
„Од друга страна, тоа го научив политички“, рече тој, додавајќи дека оние кои велеле дека е руски шпион сега велат дека работи за други.
„Ние сме независна земја која е на европскиот пат, но која имаше храброст да го испрати својот највисок претставник на парадата во Москва и да се спротивстави на ужасниот притисок“, нагласи тој. Смета дека е важно сите да ја почитуваат Србија.
Прес-службата на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) претходно објави дека српските воени компании ги снабдуваат вооружените сили на Украина со муниција, и покрај прогласената неутралност на Белград.