Меџити убеден дека информатичарот Азир Алиу ќе се снајде и во Здравство: Министерот треба да биде добар менаџер, Алиу е најдобар предлог

Макфакс

27/05/2025

14:40

217

Големина на фонт

а а а

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити смета дека докторот по информатички науки и поранешен министер за информатичко општество, Азир Алиу, ќе се снајде и во ресорот Здравство. Меџити синоќа рече дека Алиу е предлогот на „Вреди“ за нов министер за здравство откога тој од Алијансата за Албанците премина во „Вреди“.

„Министерот треба да биде добар менаџер, кој го познава системот и кој може да придонесе за подобро управување на тој ресор. Имало примери и во минатото и сега. Азир Алиу мислам дека е добар и најдобар предлог за таа позиција“, рече денес министерот Меџити.

Алиу беше министер за информатичко општество и администрација од февруари 2023 до февруари 2024 година како кадар на Алијансата за Албанците. Тој ќе биде предложен да го замени неговиот довчерашен лидер Арбен Таравари, кој ги напушти и „Вреди“ и Владата во пресрет на локалните избори.

Премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега рече дека ресорот Здравство останува во „Вреди“ и по излегувањето на Таравари и од партиската и од владината коалиција, но нагласи дека го задржува правото како премиер да каже „не“ за предлогот доколку оцени дека се работи за личност со која не може да соработува.