МЕМО ги издаде првите гаранции за потекло на електрична енергија од обновливи извори на АД ЕСМ

Макфакс

26/05/2025

15:46

159

Големина на фонт

а а а

Во рамки на официјалната церемонија по повод издавањето на првите Гаранции за потекло на електрична енергија од обновливи извори, Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, ѝ додели официјална благодарница на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Од Министерството информираат дека благодарницата беше врачена како признание за личниот ангажман и институционалната посветеност на министерката Божиновска во деблокирањето и финализацијата на сложениот процес за воспоставување на системот за Гаранции за потекло – процес кој речиси две години тапкаше во место, оптоварен со технички, регулаторни и координациски предизвици.

„Преку јасна институционална поддршка, интерресорска координација и директно вклучување во решавање на клучни препреки, министерката Божиновска одигра клучна улога за нејзиното конечно активирање,“ изјави управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, при врачувањето на признанието.

Гаранциите за потекло, велат од Министерството, се суштински чекор напред кон зелена и одржлива енергетска трансформација на земјата, механизам што ја отвора вратата за транспарентен, конкурентен и европски усогласен енергетски пазар.

На истиот настан, министерката Божиновска официјално ги додели првите сертификати за потекло на електрична енергија од обновливи извори на компанијата АД ЕСМ. Станува збор за гаранции за електрична енергија произведена во хидроелектраните на ЕСМ, со што се потврдува дека енергијата има чисто, обновливо и еколошки одржливо потекло.

„За нас е посебно значајно што првите издадени Гаранции се однесуваат на електрична енергија произведена од хидроенергетските капацитети на АД ЕСМ кои користат чиста и обновлива енергија од вода. Ова е доказ за нашите континуирани напори за производство на електрична енергија на еколошки начин и нашата посветеност кон зелената транзиција. Гаранцијата ќе им овозможи на нашите клиенти сигурност во потеклото на енергијата што ја купуваат и ќе придонесе кон зголемување на свеста за важноста на обновливите извори,“ нагласи генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.

Со воспоставувањето на овој систем, велат од Министерството, Македонија прави голем исчекор напред во интеграцијата со европскиот енергетски пазар, зголемувајќи ја транспарентноста, одржливоста и долгорочната стабилност на домашниот енергетски систем.