[ВИДЕО] СДСМ обвинува: Со сомнителен тендер од 4 милиони евра ќе се шијат униформи во МВР, едната од фирмите регистрирана 20 дена пред тендерот

Макфакс

25/05/2025

13:16

167

Големина на фонт

а а а

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија обвини дека во Министрството за внатрешни работи бил распишан сомнителен тендер во вредност од речиси 4 милиони евра.

Портпаролката, Богданка Кузеска, вели дека се работи за договори од милионски износи кои им се доделени на фирми без никакви капацитети, без претходно релевантно искуство, па дури и без никаква историја на јавни набавки. Една од двете фирми, според зборовите на Кузеска, била отворена 20 дена пред тендерот, додека другата имала само двајца вработени.

„Фирмата ‘Ле Бранд Дизајн’ од Битола, модно студио со просечен годишен приход од едвај 20.000 евра и само двајца вработени, добива тендер од над 2 милиони евра за шиење специјални полициски униформи. До вчера двајца вработени шиеја фустани, денес со двајца вработени треба да опремат специјални единици! Кој е овде наивен? Фирмата „Памитекс Тим“ е регистрирана само 20 дена пред распишувањето на тендерот, без веб-страница, без историја на набавки, без транспарентност. Ете ваква фирма добива тендер од 1.710.000 евра. МВР ги отстранило сите критериуми што би овозможиле транспарентна и правична конкуренција – нема услов за претходно искуство, нема минимум приходи, нема проверка на реални капацитети“, рече Кузеска.

Партијата упати прашања до министерот Панче Тошковски, кој навистина ќе ги шие униформите? Каде ќе завршат парите на граѓаните? Кој ќе одговара ако униформите не стигнат, не бидат со потребниот квалитет, или ако бидат неупотребливи за полициските специјалци? Кој ќе одговара?

СДСМ повика на итна постапка од Јавното обвинителство за сомнежи за злоупотреба на службена положба, местење тендер и можно перење пари, поништување на тендерот и отворање на нова постапка.