Мицкоски: На достоинствен начин продолжуваме да го негуваме животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј

Макфакс

24/05/2025

11:14

220

Големина на фонт

а а а

На достоинствен начин продолжуваме да го негуваме животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, нивната благородна мисија обединува и денес, порача премиерот Христијан Мицкоски во честитката по повод празнувањето на 24. мај.

„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да ви го честитам 24 Мај Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Чествување на браќата Кирил и Методиј кои се темелот на писменоста на словенските народи и основачи на словенската азбука Глаголица по која се создаде и кирилското писмо, е доказ дека нивната благородна мисија и ден денес обединува.

Браќата Кирил и Методиј уште тогаш ја промовирале визијата дека силата на еден народ и држава е во образованието и науката и неговата писменост. И токму благодарение на нивната духовност, посветеност, денеска и ние можеме да ја развиваме сопствената култура, образование и наука на мајчиниот јазик.

Нашата заложба е преку образованието кое е темелот за опстанокот и развој на една држава да создаваме идни генерации кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија.

Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок — писмото, словото, гласот на нашиот идентитет.

Таа борба за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на нашата вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство.

Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато — тие се вековен мост кон иднината.

Нека е честит 24 мај Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј“, се вели во честитката.