Пристигна одговорот на Европската унија на заканата на Трамп за царините

Макфакс

24/05/2025

11:09

665

Големина на фонт

а а а

Европската унија работи со добра волја за да обезбеди спроведување на трговскиот договор со САД заснован на почитување, а не на закани, рече европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ, по коментарите на Доналд Трамп за можни царини од 50 отсто.

Американскиот претседател рече дека не бара трговски договор со Европската унија, заканувајќи се дека ќе воведе царини од 50 отсто на увозот од 27 земји-членки почнувајќи од 1 јуни.

„ЕУ е целосно ангажирана и решена да гарантира договор што функционира за двете страни“, напиша Марош Шефчовиќ на „Икс“ по разговорите со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир и министерот за трговија Хауард Лутник.

„Трговијата меѓу ЕУ и САД мора да се води од взаемно почитување, а не од закани. Подготвени сме да ги браниме нашите интереси“, додаде европскиот комесар.

На почетокот на мај ЕУ се закани дека ќе воведе царини за увоз од САД во вредност од 95 милијарди, што се однесуваат на автомобили и авиони, доколку пропаднат трговските преговори со Трамп.

Комисијата најави и дека трговските мерки што САД ги воведуваат против неа ќе ги извести и до Светската трговска организација (СТО).

Во последните месеци, ЕУ три пати беше погодена од царините на американската администрација: 25 отсто за челик и алуминиум, кои беа објавени во средината на март, 25 отсто за автомобили, а потоа 20 отсто за сите други европски производи во април.

Неодамна објавените тарифи беа суспендирани до јули за да се овозможат преговори, но царините од 10 отсто сè уште важат за повеќето стоки што 27-те земји-членки ги извезуваат во Соединетите држави.

Доналд Трамп редовно ја напаѓа Европа откако се врати во Белата куќа во неговиот втор мандат, сметајќи ја, како што рече, полоша од Кина во однос на трговските односи.

Соединетите држави го проценуваат својот дефицит со ЕУ во 2024 година во размена на стоки на 235 милијарди долари, но Европската комисија посочува дека американскиот суфицит во услугите го намалува трговскиот дефицит на 50 милијарди евра (околу 57 милијарди долари).