Вршителите на енергетски дејности од 29 мај до 30 јуни да поднесат барање за промена на лиценцата

Макфакс

23/05/2025

15:20

148

Големина на фонт

а а а

Еден месец имаат рок носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности, вклучувајќи ги и носителите на лиценци за пробна работа да поднесат Барање за промена на лиценца до Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) согласно одредбите од новиот Закон за енергетика, во спротивно лиценцата ќе престане да им важи.

Рокот почнува да важи од 29 мај се до 30 јуни.

„Барањето за промена ќе се смета за уредно доколку биде доставено до архивата на РКЕ, или пратено до официјалната електронска пошта erc@erc.org.mk или пратено по пошта во наведениот рок при што ќе мора подносителот да достави доказ за приемен датум од пошта на официјалната електронска пошта“, информираат од РКЕ.

За промена на лиценцата по овој основ на носителот не му се наплаќа надоместок за постапката за менување на лиценцата.

Барањето за промена може да се преземе од веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика или во архивата на Регулаторната комисија за енергетика: https://erc.org.mk/page.aspx?id=296.

За секоја лиценца се поднесува поединечно Барање за промена, односно не може со еден Образец да се поднесе Барање за промена на повеќе од една лиценца.

Во исто време, РКЕ ги информира сите носители на лиценци за пробна работа дека согласно новиот Закон за енергетика, лиценците за пробна работа ќе може да се продолжат исклучиво заради тестирање на техничките перформанси на енергетскиот објект и влијанието врз енергетскиот систем на којшто е приклучен, други основи не се предвидени. Напоменуваат дека одредбите од новиот Закон за енергетика не предвидуваат привремена лиценца.