Мицкоски: Прифативме билатерална средба со Бугарија на маргините на НАТО, со присуство на претставници од ЕУ и САД

Макфакс

23/05/2025

14:59

179

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски откри дека прифатиле да седнат на маса со Бугарија на маргините на НАТО самитот со присуство на високи претставници од ЕУ, НАТО и САД.

Темата за билатералната средба со Бугарија била отворена уште за време на посетата на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта. Доколку се случи, покрај македонската претседателка Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Радев, би присуствувале и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претставник на САД.

Мицкоски не знае дали Бугарија ја прифатила средбата, но верува дека е добро доколку се случи за да можат да се слушнат аргументите од свете страни.

„Кога ќе бидеме сите на иста маса, колку и да трае тоа, добро е да се разговара“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на заедничката прес-конференција со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.

Мицкоски во обраќањето пред медиумите рече и дека со Калас имале отворен разговор за македонските евроинтеграции. Патот, вели Мицкоски, не беше ни лесен, ни краток, ниту секогаш праведен, поплочен со многу предизвици, компромиси и предолго чекање. Повика на фер третман и доследност од Унијата, коментирајќи и дека сме уморни од постојаните блокади поврзани со билатерални прашања.

Калас, пак, порача дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и треба да ги преземе чекорите за почеток на преговорите. Го пофали усогласувањето со надворешната политика на Унијата, а во однос на механизмите со кои би се деблокирал процесот на преговорите, не сакаше да открие детали. Унијата верува дека планот „А“ за македонските евроинтеграции ќе функционира, истакна таа, прашана зошто за Македонија нема план „Б“, а има за Украина.