Божиновска: Владата е цврсто определена за зелена иднина

Макфакс

23/05/2025

13:36

139

Големина на фонт

а а а

На денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Сања Божиновска.

Божиновска објасни дека аерозагадувањето е комплексен предизвик и дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини пристапува кон решавањето на проблемот и тоа со мерки за почисти извори на енергија и одржлив енергетски систем и наведе дел од проектите.

„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е активно вклучено во реализацијата на повеќе проектни програми од „Планската програма за почист воздух 2024–2030“, кои имаат за цел да го намалат аерозагадувањето преку енергетски решенија. Нашата улога е јасно дефинирана во следните проекти: Греење без емисија- топлински пуми, високо ефикасни котли, когенеративни гасни централни, проект државата не загадува-водиме со пример, такси без директни емисии. Преку овие мерки, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја потврдува својата посветеност кон создавање на одржлив и еколошки енергетски систем, кој ќе обезбеди почист воздух и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, истакна Божиновска.

Потсети на случајот за набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти полно со штетни соединенија и високи нивоа на сулфур и тешки метали.

„Да ве потсетам на последниот случај за кој Обвинителството води постапка, набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти во земјава. Во фокусот на истрагата е компанија која во 2023 испорачувала контаминирана нафта. Сериозен здравствен скандал, локалните инспекции утврдиле дека наместо мазут, се користело токсично индустриско масло, полно со штетни соединенија и високи нивоа на сулфур и тешки метали. И тоа не еден туку мрежа на увозници кои, спротивно на законот, испорачувале горива што не ги исполнуваат ниту основните еколошки стандарди а цената, како и секогаш ја плаќаат граѓаните, со своето здравје и со загадената животна средина“, децидна е Божиновска.

На крај додаде дека Владата е цврсто определена за зелена иднина, и интензивно работи на реализација на капитални проекти.

„Го поддржуваме и секој чекор што води кон почист воздух – од користење електрични автомобили, до инсталирање соларни панели на покриви и развој на енергетски задруги каде граѓаните самите ќе можат да произведуваат и користат чиста енергија. Оваа Влада е цврсто определена за зелена иднина. Интензивно се работи на реализација на капитални проекти“, рече Божиновска.