Почнува нова ера во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија по потпишувањето на договорот „влада со влада“, соопшти британската амбасада во Скопје.
Во соопштението се вели дека партнерството ќе ја зајакне трговијата и ќе поттикне економски раст.
„Ова партнерство ја поддржува реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во различни сектори, вклучувајќи транспорт, здравство, енергија и технологија. Ќе има пристап до широка поддршка, вклучувајќи техничка помош и до 5 милијарди фунти поддршка од „УК Експорт Финанс“ за проекти во Северна Македонија. Партнерството ја нагласува заложбата на двете нации за соработка на клучни инфраструктурни проекти кои носат социјални, економски и еколошки придобивки. Со искористувањето на експертизата и иновациите на двете земји, ова партнерство ќе овозможи развој на отпорна инфраструктура што поттикнува раст и благосостојба“, велат од амбасадата.
Формалната церемонија на потпишување се одржа вчера, 22 мај, во Лондон во присуство на британскиот министер за извоз, Герет Томас, и вицепремиерот Александар Николоски.
Министерот за извоз, Герет Томас, ја изрази својата возбуда:
„Ова партнерство отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија. Обединетото Кралство има огромно искуство во испорака на висококвалитетна инфраструктура ширум светот и ми е драго што го започнуваме ова ново партнерство што ќе помогне повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија.“
Британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон, изјави:
„Остваривме значаен чекор во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија со потпишувањето на договорот „Влада со влада“. Г2Г ќе ги зајакне веќе одличните трговски врски меѓу нашите земји и ќе ја поддржи реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во сектори како транспорт, здравство, енергија и технологија. Како британски амбасадор, горд сум што нашите влади го постигнаа ова историско партнерство кое ќе им користи на граѓаните на двете земји. Стоиме заедно силни и обединети.“
Неодамна, британскиот премиер Кир Стармер и македонскиот премиер Христијан Мицкоски го поздравија новото Стратешко Партнерство на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, на 16 мај 2025 година. Ова G2G претставува почеток на проширена трговска и инфраструктурна соработка.
Партнерствата влада со влада (Г2Г) се формални договори со кои се овозможува пристап до јавна и приватна британска експертиза за конкретни проекти или програми со комерцијални придобивки.
Вкупната трговска размена (извоз и увоз) меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија изнесувала 1,7 милијарди фунти во четирите квартали заклучно со третиот квартал од 2024 година.
Обединетото Кралство е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија во истиот период.