Реал Мадрид официјално се збогуваше со Анчелоти: Почестени сме што имавме таков тренер

Дерби

23/05/2025

12:09

233

Големина на фонт

а а а

Одамна е познато дека Карло Анчелоти ќе ја напушти тренерската функција во Реал Мадрид и ќе биде нов бразилски селектор, но шпанскиот клуб дури денеска официјално објави соопштение со кое ја потврди информацијата.

Првично се очекуваше Реал да реагира прв и да ја потврди разделбата по дерби пресметката со Барселона, но наместо тоа првата реакција дојде од Бразил, чија фудбалска конфедерација го именуваше за нов селектор.

Денеска циклусот е комплетиран со соопштението на Реал.

– Реал Мадрид и Карло Анчелоти постигнаа договор за крај на соработката во која тој беше тренер на Реал Мадрид. Нашиот клуб сака да ја изрази својата благодарност за човекот кој е вистинска легенда и на Реал Мадрид и на светскиот фудбал.

– Карло Анчелоти го предводеше нашиот тим низ еден од неговите најуспешни периоди во нашата 123-годишна историја, освојувајќи повеќе трофеи од кој било друг тренер во боите на нашиот клуб: 3 европски титули, 3 Светски клупски првенства, 3 европски Суперкупа, 2 титули во Ла Лига, 2 во Копа дел Реј и 2 титули во Суперкупот.

– Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез потенцира: Карло Анчелоти засекогаш ќе биде дел од големото семејство на мадридисти. Се чувствуваме неверојатно почестени што имавме шанса да уживаме во тренер кој ни помогна да постигнеме толку многу успеси, но кој исто така ги отелотвори вредностите на нашиот клуб на таков примерен начин.

– „Сантијаго Бернабеу“ утре ќе му оддаде почит на Карло Анчелоти, на неговиот последен натпревар како тренер на Реал Мадрид. Реал Мадрид нему и на целото негово семејство му посакува многу среќа во новото поглавје од неговиот живот, – стои во соопштението на клубот.