ПСЖ обезбеди важен потпис во пресрет на финалето на Лигата на шампионите

Дерби

23/05/2025

11:12

265

Големина на фонт

а а а

Навивачите и раководството на ПСЖ можат да бидат презадоволни од досегашниот тек на сезоната, а пред францускиот првак остануваат уште две финалиња, при што триумфот во тоа во Лигата на шампионите може да го донесе и најголемиот успех во клупската историја.

Тренерот Луис Енрике формираше моќен тим во кој доминираат млади фудбалери, но ваквото сценарио немаше да биде изводливо без вистинскиот мозок кој стои зад скаутирањето и регрутацијата на играчи.

ПСЖ потврди дека успеал да добие потпис на продолжување на договорот со спортскиот директор Луис Кампос, со што е ставен крај на шпекулациите дека тој ќе се пресели во Манчестер Јунајтед или неколку други клубови со кои беше поврзуван.

Кампос важи за трансфер гуру и е еден од највлијателните директори на фудбалската сцена, а во ПСЖ е од 2022 година, од кога почна и да го формира актуелниот тим.

Португалецот потпишал петгодишен договор со катарските сопственици на ПСЖ, а задоволството од постигнатиот договор клубот го објави и во официјално соопштение.

Пред да работи во ПСЖ, Кампос беше дел од Лил, Монако, како и тактички аналитичар во Реал Мадрид, во периодот кога тренер беше Жозе Мурињо.

ПСЖ викендов го игра финалето во Купот со Ремс, а на 31. мај ќе се соочи со Интер во Минхен.