Рускиот претседател Владимир Путин ја посети Курската област, на границата со Украина, соопшти Кремљ.
„Владимир Путин беше во работна посета на Курската област претходниот ден“, се наведува во соопштението.
Путин се сретна со привремениот гувернер Александар Хинштајн и претставници на волонтерски организации.
Државната телевизија „Русија 24“ емитуваше видео од средбата меѓу Путин и волонтерите околу голема маса со чај и слатки.
Рускиот претседател имаше средба и со претставници на регионалните општини во Курчатов, каде што се наоѓа нуклеарната централа, а го посети и градилиштето на електраната Курск-2.
На крајот на април, Русија тврдеше дека, со помош на севернокорејските војници, целосно го вратила Курскиот регион, во кој украинските сили влегоа во август 2024 година.
Руските власти претходно денес објавија дека армијата соборила 159 украински беспилотни летала во неколку региони на Русија, вклучувајќи ги Брјанск и Курск, за 12 часа.