Цивилната одбрана во Појасот Газа, управуван од Хамас, денес извести за 19 смртни случаи во израелските воздушни напади врз енклавата, додека Израел продолжува со своите напори да го уништи исламистичкото движење и да ги спаси преостанатите заложници киднапирани пред 20 месеци.
„Нашите тимови транспортираа 19 мртви и неколку десетици ранети по воздушните напади во различни делови од Појасот Газа синоќа и рано утрово“, изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната заштита.
Тој тврди дека повеќето од жртвите се жени и деца. Израелската војска (ИДФ) во последните денови ја интензивираше својата офанзива врз Појасот Газа за да го уништи исламистичкото движење Хамас и да ги спаси преостанатите заложници.
Тие заложници беа киднапирани на 7 октомври 2023 година, кога борци на Хамас од Газа се инфилтрираа во Израел и нападнаа рурални заедници – кибуци и млади на музички фестивал, предизвикувајќи војна меѓу двете страни.
Се верува дека Хамас држи уште 59 заложници, од кои само 24 се живи.