Вилјареал во неделата ја победи Барселона на „Монжук“ и математички го завери пласманот во Лигата на шампиони, а два дена по големиот тримф против актуелниот шампион, Дани Парехо излезе со ексклузивно интервју кое предизвика доста реакции во шпанската јавност.
Како поранешен младинец и член на првиот тим на Реал Мадрид, Парехо потенцира дека актуелната сезона на „кралевите“ била разочарувачка, но многу повпечатлива е споредбата која ја прави меѓу Ламин Јамал и Килијан Мбапе.
– Реал Мадрид е Реал Мадрид, тоа е клуб кој секогаш има фантастични играчи и во две акции можат да ти дадат два гола, но за мене лично, оваа сезона беа многу лоши. Воопшто не беа добри, ниту тактички, ниту дефанзивно. Во одбрана беа посебно лоши, секој тим им даваше по два или три гола. Беа многу ранливи, знам дека им недостасуваа важни играчи, но Реал Мадрид одигра под своето ниво со оглед на фудбалерите со кои располага во тимот, – потенцира искусниот Парехо во интервјуто за „Кадена Сер“.
Во продолжение од разговорот, Парехо ја коментира првата сезона на Мбапе во која Французинот досега постигна 29 погодоци во Ла Лига, но не пропушта да нагласи дека Ламин Јамал е подобар играч од него и покрај тоа што има 20 голови помалку.
– Не сум изненаден од Мбапе, знаевме што може да направи како напаѓач. Лудило е колку голови постигна во првата сезона, но јас го гледам фудбалот на поинаков начин. Ламин Јамал е многу поважен играч за тимот и со 20 голови помалку. Головите прават да победувате, но треба да се постави прашањето и кој ги сервира головите. Фудбалот е многу повеќе од постигнување гол. Ламин е момче кое е допрено со магично стапче, има нешто специјално што другите го немаат. Дрибла, додава, постигнува голови, неверојатно е како го сфаќа фудбалот на 17-годишна возраст, – вели Парехо.