„Трамп бараше авион од Катар, не му беше понуден како подарок“, велат извори на Си-ен-ен

Макфакс

20/05/2025

10:49

396

Големина на фонт

а а а

Администрацијата на Доналд Трамп беше првата што го контактираше Катар за да ја истражи можноста за набавка на Боинг 747 што би можел да послужи како привремена замена за претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, изјавија за Си-Ен-Ен четири извори запознаени со разговорите. Таа верзија на настаните е во спротивност со тврдењата на претседателот дека самиот Катар го понудил авионот како „подарок“.

Откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, Пентагон го контактираше „Боинг“, но компанијата соопшти дека нема да може да испорача нови авиони што ќе ги заменат претседателските авиони уште најмалку две години, велат извори.

Сепак, администрацијата на Трамп сакаше замена на авионот што е можно поскоро, па затоа Воздухопловните сили почнаа да разгледуваат други опции. Трамп му наложил на својот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, да состави список на достапни авиони, изјави за Си-Ен-Ен висок функционер на Белата куќа.

По првичниот контакт на Пентагон со „Боинг“, компанијата им достави на американските одбранбени претставници список на своите други клиенти низ целиот свет кои поседуваат авиони што би можеле да послужат како привремена опција, според три извори.

„Катар беше еден од тие клиенти“, рече друг извор запознаен со разговорите, додавајќи дека Пентагон „понудил да го купи авионот“, а Катар сигнализирал дека е подготвен да го продаде.

Трет извор изјави дека Пентагон започнал разговори со Катар откако Белата куќа дала зелено светло. Според претставници на Белата куќа, Виткоф помогнал во воспоставувањето на првите контакти. Овој извор потсетува дека првично се зборувало за наем на авионот, а не за негово купување.

Сепак, Трамп постојано тврдеше дека тоа е „гест“ или „придонес“ од катарското кралско семејство. На својата социјална мрежа Truth Social, тој напиша дека тоа е „подарок без надокнада“. Тој тврди дека авионот ќе се користи како привремена замена за „Ер Форс Уан“, а подоцна ќе биде дониран во неговата претседателска библиотека.

Овие детали за иницијативата на американската администрација фрлаат нова светлина врз набавката на авиони што предизвика политичка бура и речиси ја засени посетата на Трамп на Блискиот Исток минатата недела.

Демократите и некои влијателни републиканци, инаку сојузници на Трамп, се спротивставија на можниот договор од етички причини. Катар, исто така, се соочи со критики, а демократските пратеници се заканија дека ќе ја блокираат продажбата на оружје на таа земја.

„Боинг многу доцни со авионот“, рече Трамп во интервју за „Фокс њуз“ минатата недела. „Катар го слушна тоа, и му кажав на емирот – тој е голем човек – разговаравме и тој рече: Ако можам да помогнам, само кажете го тоа. И тие имаа авион“.

Во февруари, Трамп и неколку соработници го разгледуваа катарскиот авион додека беше паркиран на аеродромот во Палм Бич, Флорида, недалеку од неговото одморалиште Мар-а-Лаго. Си-Ен-Ен објави дека по обиколката, Трамп им кажал на луѓето околу него колку луксузен бил авионот. Неговиот шеф за комуникации, Стивен Чунг, во тоа време изјави дека Трамп бил во авионот „за да провери нова опрема и технологија“.

Пентагон одби да коментира и ги упати новинарите во Белата куќа. Си-Ен-Ен побара коментар и од Белата куќа, катарската амбасада во Вашингтон и од „Боинг“. Вашингтон и Доха нагласуваат дека, доколку се случи трансферот на авионите, тоа ќе се изврши легално, преку договор меѓу катарското Министерство за одбрана и американскиот Пентагон, што Белата куќа го повтори вчера.

Четири извори запознаени со преговорите велат дека договорот сè уште се преговара меѓу адвокатите од двете страни. „Од моментот кога Американците првпат контактираа со Катар до денес, сè е сè уште во рацете на правните тимови“, рече друг извор. „И сè уште не е донесена конечна одлука.“

Според медиумските извештаи, вредноста на авионот е околу 400 милиони долари, но два извори тврдат дека неговата вредност се намалила.

Вчера, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, го опиша можниот трансфер како „донација за земјата“, велејќи дека катарското кралско семејство „понудило да го донира авионот на воздухопловните сили на САД и дека таа донација ќе биде прифатена во согласност со сите законски и етички стандарди“.

За време на неговата посета на Блискиот Исток, Трамп рече: „Никогаш не би одбил таква понуда. Мислам, би требало да бидам идиот за да кажам: Не, не сакаме бесплатен, многу скап авион. Тоа беше одличен гест за мене.“

Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим Ал-Тани минатата среда не го потврди тврдењето на Трамп дека катарски функционер му се обратил, велејќи за Си-ен-ен: „Ова нема никаква врска со поединци, ниту од американска ниту од катарска страна“.

„Тоа е едноставен договор меѓу двете влади, а Министерството за одбрана и Пентагон сè уште ја разгледуваат можноста нашиот 747-8 да се користи како „Ер Форс Уан“, и сè е сè уште под правна анализа.“

„Доколку на САД им треба нешто и ако тоа е целосно легално, а ние можеме да го обезбедиме, ние сме подготвени да им помогнеме и да ги поддржиме САД“, додаде Ал-Тани, истакнувајќи дека понудата ќе биде повлечена доколку трансакцијата биде прогласена за нелегална.

Покрај правните и етичките прашања, претворањето на половен авион на друга земја, дури и сојузничка, во претседателски авион бара огромна техничка интервенција. Според поранешните и сегашните функционери, овој процес би можел да трае до две години и многу пати да ја надмине вредноста на самиот авион.

Американските разузнавачки и безбедносни агенции задолжени за модификациите ќе мора речиси целосно да го расклопат авионот и повторно да го склопат со потребната опрема.

„Не гледам како ова би можело да се направи во прифатлив временски рок и без големи безбедносни ризици, ако е воопшто изводливо“, изјави претходно за Си-ен-ен поранешен висок функционер на американската контраразузнавачка служба. Двата авиони Боинг 747-800, кои се наменети како трајна замена за „Ер Форс Уан“, треба да бидат испорачани во 2027 година.

„Не можам да гарантирам дека ќе биде 2027 година, но целта е таа година ако можеме да се договориме за промени во спецификациите“, изјави вршителката на должноста шеф на одделот за набавки на воздухопловните сили, Дарлин Костело, пред Конгресот претходно овој месец. Тоа е пет години подоцна од планираното, но исто така и две години порано од неодамна предвиденото од „Боинг“.

„Не сум среќен што трае толку долго“, им рече Трамп на новинарите во февруари во „Ер Форс Уан“. „Нема изговор за тоа. Би можел да купам половен и да го реновирам. Затоа разгледуваме други опции.“