Барселона ја заокружи сезоната со освоена 28-ма титула во Ла Лига и оствари голем успех како тим на кој никој не му даваше шанси за највисок пласман во месец август минатата година, но тоа што изгледаше невозможно се претвори во чиста реалност под водство на Ханси Флик.
Германскиот стручњак го извади најдоброто од сите играчи и дури и ги подобри талентите кои блеснаа под водство на Чави Ернандес, а огромен исчекор направи и Ламин Јамал кој прерасна во вистинска фудбалска ѕвезда пред да наполни 18 години.
Поради сензационалните изданија, Барселона е ставена во ситуација да го „блиндира“ Ламин со подобрен договор во секој поглед, па иако веќе некое време се преговара за истиот, Жоан Лапорта откри дека се уште треба да се прецизираат одредени детали.
– Договорот на Јамал? Секогаш треба да се страда при договорите на вакви играчи. Зборуваме за неговиот нов договор, но се уште не е потпишан. Не е завршена работа, но сепак е добро разработена ситуација. Тој е среќен во Барселона, добива добри совети од своите блиски, како и од својот агент Мендеш.
– Мислам дека ситуацијата ќе заврши добро, тој е каталонец, тој е фан на Барселона и тој е изграден во нашиот клуб. Има се што е потребно да биде најдобар играч во светот, а како таков, ќе добие и специјални услови во договорот. Во вакви случаи не се гледа возраста, туку влијанието кое го има и учинокот кој го прави за тимот, – изјави Лапорта.