Манчестер Јунајтед влегува во завршни подготовки за утрешното финале во Лига Европа, натпревар кој може да ја спаси сезоната за великанот од „Олд Трафорд“ со трофеј и пласман во Лига на шампиони, но не и целосно да го избрише срамот за ужасната сезона во Премиер лигата.
Свесен за тоа е менаџерот Рубен Аморим кој во неколку наврати нагласи дека ништо не може да ја оправда оваа лоша кампања на неговиот тим, но кога веќе тимот е во едно финале, посакува победа најмногу поради верните навивачи кои се составен декор од секој натпревар кој го игра тимот.
– Јас бев играч и ако научив нешто од тој период, тоа е дека мора да победите во финале. Никој нема да го памети финалистот, особено во клуб како Јунајтед. Мора да победиме во финалето како знаеме и умееме.
– Многу е важно да победиме, од масивен интерес за сите е да освоиме трофеј, најмногу за нашите фанови. Сакам да им дадам причина за радост на нашите фанови. Чувствувам фрустрација за разочарувачката сезона, но на секој начин се обидувам да му помогнам на тимот да победи во ова финале. Им должиме на фановите, на вработените во клубот…..
– Оваа титула нема да биде доволна за Јунајтед, не е доволно со оглед на поддршката која ја добивме цела сезона. Навивачите ако треба и ќе препливаат до Билбао дури и ако немаат билет за финалето. Ќе дадеме се од себе да ги израдуваме, го ветувам тоа, – изјави Аморим.