Во денешниот говор на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, јасно порача дека трагедијата во Кочани не смее да се злоупотребува за политички цели. Тој истакна дека има редовна комуникација со роднините на настраданите и најави дека ќе продолжи да се среќава со нив за поддршка и заедничка работа на решенијата.
„Сакам да предупредам дека многу нечовечки и некрофилски се злоупотребува оваа огромна трагедија во Кочани. Сето тоа го слушнав и од роднините на настраданите, кои минатата недела ги сретнав во Владата. Со голема почит и отворен разговор дискутиравме за болката која ја делиме, како и за чекорите што можат да помогнат во расчистувањето на случајот и поддршката за семејствата“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека тие кои имаат вина за слученото мора да одговараат, а системот треба да се менува за да се обезбеди правда. „Во ова сме заедно одлучни, и ние како партија сме подготвени да продолжиме да работиме и да комуницираме со семејствата на настраданите. Нашата одговорност е да бидеме рамо до рамо со граѓаните во најтешките моменти“, потенцираше претседателот.
Мицкоски најави редовни состаноци со роднините, и нагласи дека ќе посетува и оние кои од оправдани причини не можат да дојдат на средбите.
„Периодов јас и Владата сме на располагање за сè што е потребно. Нема да дозволиме политички глодари и некрофили да ја злоупотребуваат оваа трагедија. Сите сме Кочани и мораме сите заедно да направиме нешто за Кочани“, рече Мицкоски.