Општина Аеродром денеска одбележа два значајни јубилеја – 20 години од своето основање и 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Јане Сандански.
Свеченоста се одржа во паркот кој го носи името на Сандански, каде што бројни граѓани од различни генерации, претставници на локалната власт, образовни институции и граѓански здруженија оддадоа почит пред неговиот споменик.
Вршителот на должноста градоначалник на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со претставници од Советот на општината, делегации и граѓани, положи свежо цвеќе во чест на македонскиот војвода. Свеченоста продолжи со културно-уметничка програма – хорот на ООУ „Блаже Конески“ ја исполни македонската химна, а оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“ приреди музички настап. Фолклорниот ансамбл „Никола Јонков – Вапцаров“ ја збогати атмосферата со традиционални игри.
На настанот беа доделени плакети, признанија и благодарници на истакнати жители на Аеродром кои со својата работа во уметноста, спортот, науката и културата ја афирмираат општината и надвор од државните граници.
Признанија добија и вработени во општинската администрација кои со години вложуваат труд за подобрување на животот во оваа општина. Наградени беа и млади таленти, кои уште од најрана возраст остваруваат успех во различни области.
Од Општина Аеродром порачуваат дека и во иднина ќе продолжат да го поддржуваат талентот, ангажманот и развојот на сите граѓани, со цел општината да остане пример за успех и напредок.