Она што започна како амбициозна цел за време на Олимписките игри во Париз минатата година, би можело да стане реалност.
Имено Французите не се откажуваат од идејата капењето во реката Сена повторно да биде возможено.
Иако олимпијците на крајот навистина пливаа во Сена, и понатаму се поставува прашањето дали реката е премногу загадена.
Една година по Олимписките игри, париските власти сакаат Сена да биде отворена за пливање ова лето. Доколку сè биде според планот, од 5 јули граѓаните ќе можат да пливаат на три точки кои ќе бидат означени како безбедни.
„Тоа беше извонреден момент (2024), но пливањето во текот на Олимписките игри не беше крајот“, рече градоначалничката Ен Идалго.
„Да се направи Сена безбедна за пливање има за цел, пред сè, приспособување на климатските промени, но и подобрување на квалитетот на животот“, додаде таа.
Парижаните, како и туристите, ќе можат да се капат во срцето на историскиот центар на градот – на локацијата Бра Мари, потоа во квартот Гренел, како и во Берси во источниот дел на Париз.
„Парижаните и туристите ова лето повторно ќе ја откријат магијата на пливањето во Сена, 100 години откако беше забрането“, порачаа градските власти.
Пливањето ќе биде под надзор, а се очекуваат од 150 до 300 капачи во секое време на сите три точки, кои ќе бидат отворени до крајот на август.
Меѓутоа ќе се анализира и квалитетот на водата. Потсетуваме одредени натпревари за време на Олимписките игри мораа да бидат одложени бидејќи беа забележани високи нивоа на бактерии во водата.
Тестовите ќе се спроведуваат секојдневно, а доколку врне дожд, на капачите нема да им биде дозволено да се приближат до реката.