Нотингем киксираше со испаднатиот Лестер, нервозниот Маринакис влета на теренот и имаше забелешки за менаџерот

Дерби

12/05/2025

11:07

323

Големина на фонт

а а а

Нотингем Форест ќе биде дел од европскиот фудбал по пауза од три декади, но последните неколку кола се помалку и разочарувачки за тимот кој го предводи Нуно Санто, од едноставна причина што до пред извесно време „шумарите“ беа сериозни кандидати за пласман во Лигата на шампиони.

Вчерашното реми против Лестер дополнително ги оддалечи од таков подвиг, а во јавноста посебно внимание привлече сцената по последниот судиски свиреж, кога познатиот Евангелос Маринакис влета на теренот и му испорача неколку забелешки на менаџерот Санто.

Контроверзниот грчки газда не го криеше незадоволството од конечниот исход, но Нуно откри дека неговата фрустрација била иницирана од измената на Авонији во 83-та минута.

Иако се жалеше на повреда, фудбалерот на Нотингем даде зелено светло да се врати во игра, но поради големо недоразбирање, на крајот заврши на клупата за резерви.

– Нервозата на Маринакис беше иницирана од ситуацијата и конфузијата која настана со измената на Авонији. Направивме погрешна измена и после тоа како да останавме со играч помалку. Постои фрустрација, но фудбалот е спорт со емоции и ова е нормално. Проблем со Маринакис? Само неговата желба и страст не води напред, Нотингем расте како клуб поради него. Тој не притиска и бара да бидеме подобри. Сите во клубот му должиме многу на семејството Маринакис, – изјави Санто.

Поради лошата слика која ја остави, Маринакис имаше долго обраќање на социјалните мрежи и порача Нотингем треба да го слави враќањето во Европа, но истовремено нагласи дека цврсто верува во замислите на тренерот Нуно.