[ВИДЕО] Макрон, Мерц, Стармер и Туск заедно во Украина: „Ќе го зголемиме притисокот врз Русија“

Макфакс

10/05/2025

14:27

461

Големина на фонт

а а а

Лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и Полска денес се во Украина, во првата таква заедничка посета, за да разговараат со претседателот Володимир Зеленски и да ветат дека ќе го зголемат притисокот врз Русија додека не се постигне договор за прекин на огнот.

Pатувањето на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер е првпат лидерите на четири европски нации заедно да ја посетат Украина.

Тројцата западноевропски лидери утрово заедно излегоа од возот од Полска, а подоцна треба да им се придружат на полскиот премиер, кој пристигна одделно во Киев, и на украинскиот претседател.

Овој високо симболичен израз на европското единство дојде повеќе од три години по руската инвазија и еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин упати пркосен тон на парадата во Москва по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна.

Американскиот претседател Доналд Трамп предложи 30-дневен безусловно примирје како чекор кон завршување на конфликтот. Но, Путин се спротивставува на предлогот. „Заедно со САД, ја повикуваме Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје за да се создаде простор за разговори за праведен и траен мир“, изјавија лидерите во соопштението пред посетата.

„Подготвени сме што е можно поскоро да ги поддржиме мировните преговори, да разговараме за техничката имплементација на прекинот на огнот и да се подготвиме за сеопфатен мировен договор“, додадоа тие.

„Јасно ни е дека крвопролевањето мора да престане, дека Русија мора да ја запре својата нелегална инвазија и дека Украина мора да може да напредува како безбедна, сигурна и суверена нација во рамките на своите меѓународно признати граници со генерациите што доаѓаат“, рекоа тие.

Тие предупредија дека ќе продолжат да ја зголемуваат својата поддршка за Украина. „Додека Русија не се согласи на трајно примирје, ние ќе го зголемиме притисокот врз руската воена машинерија“, рекоа тие.

Во денешно интервју за Еј-би-си Њуз, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека испораките на оружје од сојузниците на Украина мора да престанат пред Русија да се согласи на прекин на огнот.

Во спротивно, примирјето би било предност за Украина во време кога руските трупи напредуваат на прилично самоуверен начин на фронтот, рече Песков, додавајќи дека Украина не е подготвена за непосредни преговори.