Сирискиот претседател, Ахмед ал Шара, изјави дека неговата влада води индиректни преговори со Израел за да ги запре израелските напади врз Сирија, пишува „Си-Ен-Ен“.
„Има индиректни преговори, преку посредници, со цел да се смири и да се ограничи ситуацијата, за работите да не стигнат до точка кога двете страни ќе ја изгубат контролата“, рече Ал Шара на прес-конференција во Париз, каде што се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Се обидуваме да разговараме со сите земји кои се во контакт со израелската страна за да извршиме притисок врз нив да престанат да се мешаат во сириските работи“, додаде тој.
Ал Шара рече дека целта е Израел да го почитува Договорот за одвојување од 1974 година, постигнат од Обединетите нации со Сирија и да се повлече на границата дефинирана со тој договор за да дозволи враќање на мировниците на ОН. Таа граница ја дели Сирија од Израел и окупираната Голанска Висорамнина, која Израел ја зазеде од Сирија во војната во 1967 година.
По падот на режимот на поранешниот претседател Башар ал Асад во декември, Израел зазеде повеќе територии во Сирија и изврши неколку напади за да спречи обнова на воениот капацитет и да ги искорени милитантните групи за кои вели дека може да ја загрозат нејзината безбедност.
Влегувањето на Израел на сириска територија првично беше опишано како привремено, но официјални лица подоцна објавија дека армијата ќе остане во Сирија на неодредено време.
Израел прогласи безбедна зона на југот на Сирија за заштита на Друзите, а вчера израелската полиција објави дека нивната гранична полиција за прв пат дејствува внатре во Сирија.
„Израелските интервенции го прекршија договорот од 1974 година. Откако пристигнавме во Дамаск, јасно им ставивме до знаење на сите релевантни страни дека Сирија е посветена на почитување на тој договор“, рече Ал Шара.
Ројтерс вчера објави дека Обединетите Арапски Емирати воспоставиле таен канал за преговори меѓу Израел и Сирија, повикувајќи се на неименувани извори. Се вели дека разговорите се фокусирани на безбедносни и разузнавачки прашања и градење доверба. Ал Шара ги посети ОАЕ минатиот месец.
Како што јави Си-Ен-Ен, Лана Нусеибех, помошник-министер за надворешни работи на ОАЕ за политички прашања, негираше дека нејзината земја посредува во преговорите меѓу Израел и Сирија. „Тврдењето дека ОАЕ „посредува во тајните преговори“ меѓу Сирија и Израел е целосно лажно. ОАЕ не се дел од таквите разговори“, рече таа.