Во многу врски, особено кога се јавува чувство на оддалеченост или емоционална тишина, партнерите се потпираат на љубовта, верувајќи дека токму таа ќе ги издржи сите предизвици. Но, според психологот Џефри Бернстин, кој со години работи со парови, постои уште еден збор од пет букви што во кризни моменти може да направи повеќе од самата љубов – а тоа е ризик.
Иако сме научени дека љубовта ги држи врските заедно, психологот предупредува дека таа не е секогаш доволна за да се надмине емоционалната бариера меѓу партнерите. Вистинскиот напредок настанува кога барем еден од партнерите ќе се осмели да преземе ризик – да биде ранлив, искрен и отворен, дури и ако не знае како другата страна ќе реагира.
„Ризик е кога си дозволуваме да кажеме дека нешто нè боли, дека нешто ни недостасува, дека ни е важно. Тие моменти го означуваат почетокот на вистинското заздравување“, објаснува Бернстин за "Psychology Today".
Напредокот доаѓа кога некој ќе проговори за чувствата
Психологот нагласува дека врските не стануваат подобри самите по себе или со „мирен соживот“. Промената доаѓа кога едниот партнер ќе собере храброст да ја прекине тишината и да ги изнесе своите вистински чувства – без услови и без гаранција дека другата страна веднаш ќе реагира позитивно.
Примери за вакви емоционални ризици се искрено признание дека ви недостасува партнерот, изразување лутина која произлегува од грижа, барање повеќе внимание, допир или време заедно, како и искрени извинувања без објаснувања и оправдувања. Иако овие моменти често се непријатни, токму тие можат да ја вратат изгубената поврзаност.
Експертите советуваат ваквите разговори да се иницираат кога и двајцата партнери се смирени, и да започнат со нежен вовед како: „Ова ми е тешко да го кажам, но важно е“. Клучно е да не се очекува веднаш решение – целта е да се изрази вистината, а не да се контролира реакцијата на другиот.
Во здравите врски, емоционалната искреност ретко води кон одбивање. Најчесто, таа отвора простор за повторно поврзување – токму она што можеби долго време недостасувало.