Стармер му честиташе на новиот канадски премиер за неговата победа: „Ние сме најблиските сојузници“

Макфакс

29/04/2025

19:20

220

Големина на фонт

а а а

Британскиот премиер Кир Стармер му честиташе денес на канадскиот премиер Марк Карни за неговата изборна победа и рече дека сака да ги продлабочи односите на Велика Британија со Канада.

Либералната партија на канадскиот премиер Марк Карни, поранешен гувернер на Банката на Англија и Банката на Канада, победи на изборите во понеделникот додека трае бранот отпор кон економскиот притисок и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на Канада.

Британскиот премиер рече дека личните врски на Карни со Обединетото Кралство ќе помогнат во зајакнувањето на врските меѓу двете земји како „најблиски сојузници“.

Карни веројатно нема да има доволно места за мнозинска влада, но изборниот резултат е сепак извонредно достигнување за неговите либерали.

На почетокот на годината, конзервативците водеа во анкетите на јавното мислење за повеќе од 20 процентни поени, но оставката на либералниот премиер Џастин Трудо и желбата на Трамп да ја анектира Канада резултираа со драматичен пресврт.

Канада ќе биде домаќин на самитот на Г7 во јуни, на кој ќе присуствува и Трамп.

Стармер рече дека го поздравува „лидерството“ на Карни во меѓународните прашања. „Знам дека ќе продолжиме тесно да соработуваме во областите на одбраната, безбедноста, трговијата и инвестициите уште на самитот на лидерите на Г7“, рече тој.