Талески: Интерепелацијата за Тошковски не е политика, туку прашање дали ќе опстои државата

Макфакс

29/04/2025

13:39

350

Големина на фонт

а а а

Господине Тошковски, вие сте веќе 15 месеци министер во МВР и во овие месеци го претворивте во комплетно нефункционално министерство, министерство со најголем број скандали, каде што преовладуваат селективноста, неказнивоста и целосно е нарушена безбедноста на граѓаните, му се обрати пратеникот од СДСМ, Миле Талески, на министерот Тошковски.

Според него, гласот „за“ интерпелацијата на министерот Панче Тошковски не е прашање на политика, туку прашање дали ќе опстои државата, дали ќе има правда, безбедност и сигурност.

„Не е само истрагата за трагедијата во Кочани, која одзеде толку многу животи, иако непобитен факт е дека МВР потфрли на повеќе основи дента на пожарот како институција со клучна улога во обезбедувањето. Не бил направен оперативен план, не бил обезбеден просторот, не бил затворен објектот, иако во него било регистрирано присуство на малолетници, не се реагирало за пиротехнички средства и многу други пропусти. Голем број осомничени, приведени и притворени лица од трагедијата во Кочани до денес е со цел да се разводнат сите случаи и да се одолжуваат до бескрај, да се создаде привид дека МВР и Владата се борат против криминалот и корупцијата. Но, не е така. Ова е тежок популизам, препознатлив за ВМРО-ДПМНЕ. Но, ајде да ја почекаме истрагата за да видиме дали и кој од надлежните командири, началници и заменик-командири на полицијата ќе бидат опфатени и кој ќе понесе одговорност“, рече Талески.

Тој заклучи дека Тошковски требало да си понесе морална одговорност за трагедијата.