„Двојно поголема наплата: Рекордни 247 милиони денари од концесии“, извести Министерството за енергетика

Макфакс

28/04/2025

11:05

237

Големина на фонт

а а а

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави дека наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини во првиот квартал од 2025 година достигна 247.491.155 денари. Ова претставува повеќе од двојно зголемување во однос на истиот период во 2024 година, кога беа наплатени 110.576.324 денари, извести Министерството.

„Овој значаен раст е резултат на посветените и засилени активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите“, велат од Министерството за енергетика.

„Министерството спроведе сериозни активности за зајакнување на наплатата на надоместоците, вклучувајќи:

· Испраќање писмени опомени до концесионерите со предупредување за можен раскин на концесијата доколку не ги подмират навреме обврските.

· Засилување на редовните и вонредните инспекциски контроли на терен.

· Едностран раскин на десетина договори со концесионери кои не ги почитувале законските обврски, со уште десетина постапки во тек.

· Донесување нов Тарифник за утврдување на висината на надоместоците, кој е во сила од 1 јануари 2025 година.

Со новиот Тарифник, висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за експлоатација на минерални суровини е зголемена до 100%, со цел да се обезбеди правична вредност за користење на природните ресурси. Клучните измени вклучуваат:

· Зголемување на надоместокот за користење простор за експлоатација за околу 30%.

· Надоместок за експлоатација на мермер: 5% од приходот од продадената суровина, наместо од претходна фиктивна цена.

· Зголемување на надоместокот за металични минерални суровини од 2% на 4%.

· Просечно зголемување над 100% за неметалични минерални суровини.

Овие измени не се однесуваат на енергетските минерали, како јагленот, со цел да се избегне дополнителен притисок врз цените на електричната енергија“, соопшти Министерството.

„Порастот на наплатата директно влијае врз зголемувањето на буџетите на општините каде што работат концесионерите, како и на буџетот на Република Македонија. Овие средствата се користат за изградба и одржување на комунална инфраструктура на

подрачјето на единиците на локалната самоуправа, проекти за одржлив развој и енергетска транзиција и за спроведување на проекти за заштита на животната средина“, се додава во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.