Трагите од каснување на скелет од римската ера пронајдени во Јорк се првиот физички доказ дека гладијаторите се бореле со животни, изјавија експертите.
Отпечатоци од лавовски заби биле пронајдени на карлицата на човек погребан на гробиштата, каде што се верува дека се наоѓаат останките на гладијатор, пренесе Скај њуз.
На мозаиците и грнчаријата прикажани се слики од гладијатори нападнати од лавови, но ова е прв пат да бидат пронајдени скелетни докази за борбите.
Академиците рекоа дека коските покажале разни лезии и идентификувано е дека истите биле резултат на каснување од голема мачка, веројатно лав, откако биле споредени со современите забни траги од животното.
Се проценува дека човекот имал помеѓу 26 и 36 години кога починал и изгледа дека живеел во текот на 3 век од н. е., кога Јорк бил познат како Еборакум и бил град и воена база во римската провинција Британија.