Зеленски: Поголемиот број делови од севернокорејската ракета испукана кон Киев доаѓа од САД

Макфакс

25/04/2025

19:36

983

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес на социјалните мрежи објави дека ракетата употребена во вчерашниот напад врз Киев, во кој загинаа 12, а беа повредени повеќе од 90 лица, е произведена во Северна Кореја.

„Недостатокот на доволен притисок врз Русија им овозможува да увезуваат такви ракети и друго оружје и да ги користат тука во Европа. Недостатокот на доволен притисок врз Северна Кореја и нејзините поддржувачи овозможува производство на такви балистички ракети“, рече Зеленски.

Тој додаде дека ракетата што го погодила Киев содржела најмалку 116 компоненти од други земји. „За жал, повеќето од овие компоненти беа произведени во Соединетите Американски Држави“, рече Зеленски.

Тој, исто така, предупреди за поширокиот контекст на војната.

„Во денешниот свет, секоја војна може многу брзо да вклучи широк спектар на актери. Жртвата на агресија никогаш не се брани само од еден непријател, туку од цела група помагачи. Затоа е важно одбраната да се базира на колективни напори“, рече Зеленски.

Тој повторно повика на итен притисок врз Москва.