[ВИДЕО] Тренчевска побара оставка од Таравари: Знаете ли што се случува во здравството, или поважни ви беа калкулациите за локалните избори и прашањата за химната и грбот

Макфакс

24/04/2025

18:11

308

Големина на фонт

а а а

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска од собраниската говорница, во рамките на седницата за пратенички прашања упати прашање до министерот за здравство Арбен Таравари, во врска со бројните скандали во здравството и здравствениот систем кој, како што оцени е пример за хаос, неизвесност и страдање на пациентите.

„Наместо функционален и стабилен здравствен систем, столб на сигурност, нашиот здравствен систем е пример за хаос, неизвесност и страдање на пациентите.

За 10 месеци оваа Влада и министерот за здравство Таравари, го доведоа до степен на „тешко болен пациент, на кој му нема спас“. Секој сектор од здравството е метастазиран од неспособноста и негрижата на власта, а граѓаните со здравјето го плаќаат цехот“, вели Тренчевска.

Наместо систем кој треба да се грижи за здравјето на граѓаните и да лекува, имаме систем, додава Тренчевска, кој го става во ризик животот на луѓето, систем кој убива.

„Министре Таравари, поважни ви беа бизнис интересите отколку вистинските инвестиции во интерес на граѓаните. Единствениот проект што го најавивте е најкриминалниот и скандалозен тендер за паркингот на клинички со компанијата Ѓока. Наместо реформи и подобри здравствени услуги, сведоци сме на тотален хаос, хуманитарни катастрофи, кои за жал станаа секојдневие. Речиси и да нема клиника која не се соочува со некаков проблем, дали е тоа терапија, опрема, персонал. Нема пациент кој не минува низ голгота кога му е потребна здравствена помош“.

Го праша Таравари дали знае што се случува во здравството.

„Или периодов поважни ви беа калкулациите за локалните избори и решавањето на наводно отворените прашања за химната и грбот, а дури потоа фокусирање на проблемите како економијата, платите и здравството. Тоа е доказ за вашата, а и на целата Влада, незаинтересираност и рамнодушност кон сопствениот народ. За оваа хуманитарна катастрофа мора да има одговорност.

Моето прашање до вас министре Таравари е: Дали чувствувате одговорност за голготата што ја поминуваат пациентите заради нефункционалниот здравствен систем и дали ќе си поднесете оставка за сите скандали во здравството“, го праша Тренчевска Таравари.