Посетата на Велика Британија претставува нов чекор во подобрување на соработката меѓу Македонија и Велика Британија. Односите се на исклучително високо ниво и во следниот период ќе работиме таквите односи да бидат на уште повисоко ниво, истакна вицепремиерот Александар Николоски по средбата со Стивен Даути, министер за Европа и Северна Америка на Обединетото Кралство.
„Во ракми на дводневната посета на високо ниво на Велика Британија, денеска остварив средба со министерот за Европа и Северна Америка, Стивен Даути, на која разговаравме за односите помеѓу Македонија и Великa Британија. Заеднички констатиравме дека односите се на исклучително високо ниво и дека во следниот период тие ќе бидат на уште повисоко ниво. Заеднички разговаравме за економската и политичка соработка, при што утврдивме дека двете држави се блиски партнери во рамки на НАТО Алијансата, исто така дека Велика Британија е стратешки партнер на Македонија, а економски е партнер број два, односно имаме извоз од 2,5 милијарди евра, што е втор најголем извоз што го остварува Македонија во било која странска држава. Разговаравме и во однос на политичките односи, разговаравме и за состојбите во Европа и војната во Украина и актуелните случувања. Разговаравме за се она што е предизвик и за Македонија и за Велика Британија и Европа и утврдивме дека политичките односи меѓу двете држави треба уште повеќе да растат“, рече Николоски.
Тој оцени дека дводневната посета на Велика Британија претставува еден нов чекор во подобрување на соработката меѓу Македонија и Велика Британија.
Велика Британија е членка на Советот за безбедност на ОН, една од петте најмоќни земји во светот, втора најмоќна земја во НАТО Алијансата и вакво партнерство со Велика Британија може да значи многу и политички и економски за Македонија.
„На Македонија и се потребни вакви пријатели и ќе продолжиме да работиме со нашите западни сојузници”, изјави вицепремиерот Николоски.