Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш остро го осуди нападот врз туристи во индиски Кашмир во кој вчера загинаа најмалку 26 лица, изјави неговиот портпарол.
„Генералниот секретар нагласува дека нападите врз цивили се неприфатливи под никакви околности“, додаде тој, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите кои беа жртви на вооружен напад.
Милитанти отворија оган врз туристи во Пахалгам, на околу 90 километри од Сринагар на индиската територија Џаму и Кашмир, при што загинаа најмалку 26 лица.
Повеќето од загинатите се туристи, наводно од различни региони на Индија, а според најавата на првиот министер за Џаму и Кашмир, Омар Абдула, бројот на загинатите се уште се утврдува.
Одговорноста за нападот ја презеде милитантната група Кашмирски отпор.