Меѓу последните зборови на покојниот папа Франциско беше едно едноставно, но длабоко значајно „благодарам“, упатено кон неговиот личен медицински асистент Масимилиано Страпети, кој му помогнал повторно да се вози во папамобилот во неделата по благословот "Urbi et Orbi".
Попладнето папата се одморил, вечерал во мир, но на зори неговата здравствена состојба нагло се влошила – по што починал.
Од кабинетот на Светиот Престол соопштија дека во неделата, на Велигден, папата Франциско се двоумел дали да излезе пред народот и го прашал Страпети:
„Мислиш ли дека можам да издржам?“
На Плоштадот Свети Петар тој ги прегрнувал насобраните верници, особено децата. Тоа беше неговото прво излегување по престојот во болницата Џемели – но, како што се покажа, и последното излегување меѓу народот.
Уморен, но задоволен, Папата потоа му се заблагодарил на својот асистент со зборовите:
„Ти благодарам што ме врати на Плоштадот.“
Во неделата попладне повторно се одморил и вечерал во тишина.
Околу 5:30 часот наутро се појавиле првите знаци на влошување на неговата состојба, по што оние што биле задолжени за неговата грижа веднаш реагирале.
Околу еден час подоцна, откако со рака се простил од Страпети, легнат во својот кревет на вториот кат од резиденцијата Каса Санта Марта, папата паднал во кома.
Според сведоштвата на оние што биле покрај него во последните мигови, не страдал. Сè се случило брзо и тивко.
Неговата смрт беше тивка, речиси изненадна, без долга агонија, наведоа од кабинетот.