Светските државници го најавуваат своето присуство на погребот на папата Франциско, а американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на својата мрежа Truth Social објави дека планира да патува во Ватикан со сопругата Меланија на погребот на папата Франциско.
„Меланија и јас ќе присуствуваме на погребот на папата Франциско во Рим. Со нетрпение очекуваме да бидеме таму“, рече Трамп, пренесува лондонски Гардијан.
Францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека ќе присуствува на погребот.
„Ќе присуствуваме на погребот на папата, како што е соодветно“, рече Макрон, разговарајќи со новинарите во Сен Дени де ла Реунион.
Според лондонскиот весник, украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да присуствува на погребот на папата Франциско.
Се очекува дека во наредните денови списокот на светски државници кои планираат да дојдат во Рим брзо ќе се зголеми, што потенцијално ќе отвори простор за средби на маргините на погребот на папата Франциско.