Кина погуби маж за убиство на 10-годишно јапонско момче во септември минатата година, соопшти јапонската амбасада во Пекинг, пренесува Би-би-си.
Жонг Чангчун беше осуден на смрт во јануари откако избоде момче кое одеше кон јапонско училиште во градот Шенжен, во југоисточна Кина.
Тој случај ги потресе двете земји и дополнително ги подигна дипломатските тензии, со сомневање дека станува збор за ксенофобичен напад.
„Јапонската влада го смета убиството на целосно невино дете за непростливо злосторство и на оваа егзекуција гледа со најголема сериозност“, се вели во соопштението на јапонската амбасада за Би-би-си.
„Поради овој инцидент, јапонската влада ќе продолжи да ги презема сите можни безбедносни мерки и силно ќе ја повика кинеската страна да ја обезбеди сигурноста на јапонските граѓани во Кина“, додаваат оттаму и појаснуваат дека за егзекуцијата биле информирани од кинеското Министерство за надворешни работи.