СДСМ: Џабе е извинувањето на Љутков, културните работници без пари го слават Велигден

Макфакс

20/04/2025

13:04

505

Големина на фонт

а а а

Опозициската СДСМ остро ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, „груб и срамен удар врз културните работници“, токму во пресрет на големиот христијански празник Велигден.

Според партијата, наместо со зголемени плати како што било договорено во Колективниот договор од 2021 година, вработените во културата велигденските празници ги дочекаа без ниту денар на сметка.

„Од мартовската плата требаше да започне корекција на примањата, согласно Колективниот договор. Наместо тоа, културните работници беа игнорирани, а од Министерството за култура стигнаа манипулативни изјави – дека не работеле доволно, дека не ја заслужуваат платата, дека платите биле ‘високи’. Ваквите изјави се навредливи и дискредитирачки“, велат од СДСМ.

Од партијата порачуваат дека ваквиот однос е доказ за целосна незаинтересираност на Владата за луѓето кои, како што наведуваат, ја носат културата на грбот.

„Зошто не се почитува колективниот договор? Зошто културните работници се навредуваат од страна на институцијата што треба да ги штити? Ако Љутков не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка“, се вели во изјавата на СДСМ.

Од таму потсетуваат дека културните работници не се статисти во општеството, туку клучни носители на вредности и традиции и заслужуваат третман со достоинство, а не молк и игнорирање.