Поранешниот градоначлник на Кочани, Љупчо Папазов, кој си поднесе оставка од функцијата по трагедијата во дискотеката „Пулс“, оди во куќен притвор, каде што се и неговите претходници на градоначалничката функција, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев.
Судот во Кочани на својата веб-страница денес информираше за донесените мерки за осомничените во истрагата, со што на седумина осомничени, мерката притвор им е заменета со куќен притвор.
„По изјавена жалба од осомничените преку нивните бранители изречената мерка притвор беше замената со мерка куќен притвор за тројца осомничени, а во понатамошниот тек од постапката по даден предлог на ОЈО Кочани за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор за 4-четири осомничени беше определена мерка куќен притвор“, пишува во соопштението на судот.
Ексминистерот за економија, Крешник Бектеши останува во притвор, додека неговите претходници, ексминистрите за економија, Ваљон Сарачини и Беким Незири, се во куќен притвор. За Дритон Кучи се изречени се мерки на претпазливост.
Пожарот во „Пулс“ ги однесе животите на 62 лица, од кои повеќето млади.