ЗНАМ: Некој што соработува со ДУИ не треба да биде дел од Владата

Макфакс

17/04/2025

13:45

569

Големина на фонт

а а а

За Движењето ЗНАМ за наша Македонија е неприфатлива соработка со нереформираната ДУИ и со лица од СДСМ кои учествувале или се дел од организиран криминал и корупција, изјави портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

На прашањето дали овие ставови значат дека ЗНАМ ќе побара изземање на Арбен Таравари од владиниот состав, Мемов одговори:

„Нашиот став е многу јасен, заклучокот број два вели: ‘Секој кој што соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ за Движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во кое што учествува ЗНАМ’“, рече Мемов.

На прашањето зошто се вели дека состојбата во Вреди е нивна внатрешна работа, а ЗНАМ изјавува дека некој што соработува со ДУИ не треба да биде дел од владата, Мемов рече:

„Случувањата во Вреди се нивна внатрешна работа, кој ќе остане како коалиционен партнер во коалицијата Вреди ќе видиме понатаму, ќе покаже времето. Доколку останат сите, тогаш органите и телата на ЗНАМ ќе разговараат и ќе расправаат по тоа прашање“.

Запрашан дали ЗНАМ има информација дека Алијанса за Албанците, која е дел од Вреди, има некакви комуникации со ДУИ, Мемов рече:

„Тие самите изјавија дека имаат отворена комуникација“.

На прашањето дали во владата ќе се разговара за овие случувања со премиерот, портпаролот Мемов рече дека разговорите и комуникацијата како партнери во владата е континуирана.

„Сите отворени прашања се дискутираат во рамките на владиното партнерство“, рече Мемов.

Запрашан за настапот на идните локални избори, тој најави дека наредната недела Движење ЗНАМ за наша Македонија ќе ја информира јавноста за тоа прашање.