Палестинската цивилна одбрана денеска соопшти дека во израелските воздушни напади врз шатори во кои се сместени раселените лица загинале 25 лица на неколку локации во Појасот Газа.
„Најмалку 16 лица загинаа, претежно жени и деца, а уште 23 се повредени откако два израелски проектили директно погодија неколку шатори во кои се сместени раселените семејства во областа Ал-Маваси во Хан Јунис“ на југот на палестинската територија, изјави за АФП портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал.
Во вториот напад врз шатор за раселените луѓе, во Беит Лахиа во северниот дел на Појасот Газа, загинаа седум лица, „најмногу жени и деца“, а 13 беа ранети, додаде тој.
Дете и неговиот татко беа убиени, а 13 лица беа повредени во трет напад на населба со шатори, исто така во близина на областа Ал-Маваси, рече тој.
Израелската војска, контактирана од АФП, се уште не ја коментирала оваа информација.
Новинската агенција Анадолија пишува дека по бомбашкиот напад во Кан Јунис избувнал голем пожар кој ги зафатил импровизираните засолништа, додека жителите се обидувале да ги спасат луѓето заробени во запалените шатори. Во нападот изгореа некои цивили.
Локалните здравствени власти соопштија дека ранетите се пренесени во болницата Насер во Кан Јунис.