Пекинг: Кина нема да обрнува внимание на американската „игра на броеви“ со царините

Макфакс

17/04/2025

10:28

800

Големина на фонт

а а а

Кина денес изјави дека нема да обрнува внимание на американската „игра на броеви“ кога станува збор за царини, откако Белата куќа изјави дека Кина сега трпи царини до 245 проценти поради нејзините одмазднички мерки.

Во соопштението издадено од Белата куќа, беше наведено дека обврските на Кина вклучуваат нова реципрочна царина од 125 проценти, дополнителни 20 проценти како одговор на кризата со фентанил, како и царини помеѓу 7,5 и 100 проценти за одредени стоки поради нефер трговски практики, пренесува Ројтерс.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, неодамна воведе дополнителни царини за стоки од сите земји, а потоа повлече дел од мерките за голем број земји, одржувајќи строги царини исклучиво против Кина.

Пекинг одговори со зголемување на сопствените царини за американските стоки и ги отфрли новите преговори, тврдејќи дека разговорите можат да се водат само врз основа на меѓусебно почитување и еднаквост.

Во исто време, многу други земји започнаа преговори за билатерални трговски договори со Вашингтон.

Минатата недела, Кина поднесе нова жалба до Светската трговска организација (СТО), изразувајќи „сериозна загриженост“ во врска со американските царини и обвинувајќи ги САД за кршење на правилата на глобалната трговска организација.

Кина неочекувано назначи нов главен трговски преговарач оваа недела – го замени досегашниот Ванг Шоувен и го назначи Ли Ченгганг, кинескиот амбасадор во СТО.

Американските власти објавија дека Трамп е отворен за постигнување трговски договор со Кина, но дека Пекинг прво мора да направи потег, нагласувајќи дека на Кина ѝ се потребни „американски пари“, пренесува Танјуг.