Францускиот премиер Франсоа Бајру изјави денес дека е неопходно итно намалување на буџетскиот дефицит за да се заштити земјата од „цунамито на дестабилизација“, кое вклучува сè поагресивна Русија, како и трговската војна иницирана од американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што објави Ројтерс, на прес-конференција во Париз, Бајру оцени дека едностраните потези на Трамп, вклучително и воведувањето царини и нарушувањето на односите со сојузниците, сериозно ја разнишаа довербата во меѓународниот поредок.
„Претседателот на Соединетите Американски Држави започна ураган чии последици нема да завршат наскоро. Како да не беше доволна војната, светот сега е погоден од цунами на дестабилизација“, рече Бајру, пренесува Танјуг.
Иако не презентираше конкретни мерки, Бајру ја отфрли можноста за зголемување на даноците и најави дека консултациите за буџетот ќе бидат завршени пред националниот празник на 14 јули, со цел да се забрзаат фискалните реформи.
Целта на владата е да го намали буџетскиот дефицит на 5,4 проценти од БДП до крајот на годината, а потоа постепено да го спушти под 3 проценти до 2029 година, во согласност со правилата на Европската унија.