Предлог Законот за судска служба е подготвен и објавен на ЕНЕР, треба да се донесе до јуни 2025 година, информира Министерството за правда.
„Министерството за правда пристапи кон изготвување на овој закон во кој се инкорпорирани препораките од повеќе домашни и меѓународни извештаи и документи кои се однесуваат на потребата за унапредување на статусот на судската служба , содржани во Стратегијата за човечки ресурси во судска служба и препораките од Реформската агенда.
Со цел да се обезбеди независност на судството, Предлог законот предвидува изземање на судските од административните службеници регулирајќи ги правата и статусот на вработените во судската служба“.
Со ова како што велат, се воспоставува систем за управување со ефектот на судските службеници, работните цели и задачи, утврдување на индивидуалниот план за стручно усовршување, како и постапка за оценување на ефектот на судскиот службеник.
Се интервенира во одредбите за висината на платата со цел привлекување, задржување и мотивирање на вработените; регрутирање на висококвалитетни кандидати на соодветни работни места и вршење на избор со помош на ефикасни и транспарентни алатки.
Оваа реформа според ресорното министерство е од клучно значење за мотивирање на вработените кои треба да бидат посветени во давањето на висококвалитетни јавни услуги
„Со ова законско решение се излегува во пресрет на синдикатите и нивните долгогодишни барања.
Сите заинтересирани имаат можност да дадат свои коментари, предлози и сугестии на Предлог законот за судска служба кој според реформската агенда треба да се донесе до јуни 2025 година“, се истакнува во соопштението.