Инстаграм ја тестира функцијата која овозможува „заклучување“ на рилсовите со „таен“ код, но со „hint“ (навестување). Ова изгледа како нов начин за креаторите да комуницираат со обожавателите, бидејќи тие можат да споделуваат ексклузивни рилсови со луѓе кои веројатно ќе го знаат одговорот на навестувањето.
На пример, креаторот може да заклучи еден рил со навестување „мојата омилена храна“, а неговите следбеници веројатно ќе го знаат одговорот. Социјалната мрежа во сопственост на Мета ја тестира функцијата на својот профил „Design“ и сподели заклучен рил кој бара од корисниците да внесат „таен“ код врз основа на навестувањето кое гласи „first # in the caption“.
Првиот хаштаг наведен во описот бил „Threads“. По внесувањето на точниот код, корисниците пристапуваат до рилот, кој известува дека профилот „Design“ покренал профил на социјалната мрежа „Threads“.
Оваа функција би можеле да ја користат брендовите за рекламирање на нови производи или креаторите кои се обидуваат да го зголемат ангажманот на нивните следбеници.
Новата функција е слична на алатката „Reveal“, која им овозможува на креаторите да објават скриена Инстаграм приказна, која нивните обожаватели ја откриваат со испраќање директна порака.