Кина со години се подготвува за царините на Трамп, вели уредник на „Економист“

Макфакс

10/04/2025

15:04

2.246

Големина на фонт

а а а

Кина внимателно и долгорочно се подготвуваше за царините од Вашингтон и има низа краткорочни и долгорочни контрамерки, тврди Дејвид Рени, уредник за геополитика на „Економист“.

Во интервју за Би-би-си, Рени вели дека кинеските функционери и академици со кои неодамна разговарал во Пекинг, свесно очекувале трговски конфликт за време на претседателската кампања на Трамп.

„Кина сака да планира. Сакаат петгодишни планови. За нив е исклучително тешко да се справат со таков каприциозен, трансакциски американски претседател“, рече Рени.

„Тие се подготвуваа многу внимателно и многу долго. Имаа краткорочни подготовки специфични за САД, но и долгорочни мерки за да се обидат да ја преориентираат и ребалансираат целата нивна економија, да ја намалат зависноста од извозот“, додаде тој.


Еден од најјасните примери на кинеската стратегија е воведувањето царини за американската соја. Рени истакнува дека мерката директно влијае на гласачката база на Трамп во средниот запад на САД, додавајќи дека Пекинг може истовремено да набавува соја од Бразил и Аргентина.

„Логиката во Пекинг оди вака: Што можеме да направиме за да ги повредиме гласачите на Трамп, да го привлечеме неговото внимание и да го купиме на друго место?“, објасни Рени.


Од утрово стапија на сила кинеските царини од 84 отсто за американските стоки, како одговор на тарифите од 125 отсто што претходно ги наметна администрацијата на Трамп. Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот развој на настаните може силно да го погоди американското земјоделство, но и да ги зголеми цените за американските потрошувачи.

Засега и двете страни не покажуваат знаци на попуштање. Пекинг вели дека „ќе се бори до крај“, додека слични пораки доаѓаат од Вашингтон.