Соединетите Држави го почитуваат суверенитетот на Панама во Панамскиот канал, изјавија панамскиот министер Френк Абрего и американскиот министер Пит Хегсет по средбата во Панама Сити, најавувајќи продлабочување на соработката во областа на безбедноста.
„Дефинитивно го почитуваме суверенитетот на Панамците и Панамскиот канал“, рече американскиот министер во средата во разговор со новинарите непосредно пред да се качи на авионот назад за Вашингтон, изразувајќи благодарност до панамската влада што ги пречека американските војници на нејзина територија „преку ротациони заеднички вежби“.
Според него, каналот е клучен терен кој Панама ќе го штити во соработка со САД, а не со Кина.
Панамската влада силно ги негираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Кина го контролира каналот.
Министерот Абрего изјави за новинарите дека неговиот американски колега „на состанок зад затворени врати го признал суверенитетот на Панама во Панамскиот канал“.
Абрего додаде дека Панама нема да дозволи постојани воени бази на нејзина територија.
За време на посетата на Хегсет, САД и Панама издадоа заеднички изјави за продлабочување на соработката во областа на безбедноста. Но, верзијата на англиски јазик на Пентагон не содржи реченица од панамската верзија на шпански јазик за суверенитетот на Панама во каналот, забележува Ројтерс.
Во реченицата се вели дека „(американскиот) секретар Хегсет, исто така, го призна лидерството и неотуѓивиот суверенитет на Панама во Панамскиот канал и соседните области“, објави новинската агенција.
Хегсет е првиот американски министер за одбрана што ја посети Панама во последните децении. САД го изградија Панамскиот канал пред повеќе од сто години и го предадоа на Панама во 1999 година.
Трамп рече дека откажувањето од каналот е лош договор за САД.
Повеќе од 40 отсто од американскиот контејнерски сообраќај, вреден приближно 270 милијарди долари годишно, минува низ Панамскиот канал, а американските бродови сочинуваат повеќе од две третини од сообраќајот во вештачкиот воден пат што го поврзува Атлантикот со Пацификот.