[ВИДЕО] Трамп го отпушти шефот на агенцијата за безбедност

Макфакс

04/04/2025

08:14

718

Големина на фонт

а а а

Шефот на американската Агенција за национална безбедност (НСА) Тимоти Хог е сменет, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на двајца сегашни и еден поранешен американски функционер.

Тимоти Хог, кој исто така ја предводеше американската сајбер команда (USCYBERCOM), беше сменет заедно со неговата заменичка Венди Нобл, објави весникот.

Според „Вашингтон пост“, Нобл е префрлена на работно место во Пентагон. НСА е дел од Министерството за одбрана на САД.

Актуелните и поранешните функционери, наведени од весникот, изјавија дека не ја знаат причината за отпуштањето на Хог или трансферот на Нобл.

Заменик-шефот на USCYBERCOM, Вилијам Хартман, беше именуван за вршител на должноста директор на НСА, а Шејла Томас, која беше извршен управител на агенцијата, беше именувана за негов привремен заменик, објави Пост.

Ниту Пентагон ниту Белата куќа веднаш не одговорија на барањето за коментар.

Демократот Џим Хајмс, висок член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, го осуди разрешувањето на Хог.

Откако ја презеде функцијата на 20 јануари, републиканскиот претседател Доналд Трамп отпушти голем број шефови на американски разузнавачки служби и наместо нив назначи луѓе лојални нему.